Your cart is currently empty!
Prof. Dr. Ana Dimishkovska about project Longing for light:
One of the timeless mental images that we have inherited from the ancient sages depicts the Earth as enveloped in a thick, dark blanket, in which there are tiny openings – the stars. Through them, according to this conception, reaches the eternal fire that burns from “the other side”—the ocean of light in which our planet is immersed, and into which we are given a glimpse only through the bright flickering points that pierce the protective cloak of night.
Една од безвременските мисловни слики што сме ги наследиле од древните мудреци ја прикажува Земјата како обвиена со густа, темна прекривка, во којашто постојат малечки отвори – ѕвездите. Низ нив, според оваа замисла, до нас допира вечниот оган што гори од „другата страна“ – океанот од светлина во којшто е потопена нашата планета и во којшто ни е дадено да ѕирнеме само преку сјајните треперливи точки што ја пробиваат закрилничката наметка на ноќта.
Оваа слика неодоливо се наметнува врз свеста на гледачот / слушателот / читателот при допирот со многуслојното, мултимедијално, двојазично дело „Žudnja za svjetlom / Копнеж по светлина“ од авторите Боро Рудиќ и Ферид Мухиќ. Имено, во секоја своја секвенција, тоа како да го буди древниот сон за сјајот што проблеснува со исконски интензитет во секој драгоцен миг од нашиот живот; сјај што како да доаѓа од некој друг свет, но од којшто, во сивилото и тагата на неисполнетата неавтентична егзистенција сме одвоени како со непробојна преграда. Ова уникатно дело е исткаено од созвучните нишки на видот и на слухот, преку сугестивните, симболички импрегнирани фотографии на Боро Рудиќ и филозофско-поетскиот текст на Ферид Мухиќ, интерпретиран од самиот автор. Преточен низ две уникатни, различни, но длабоко комуникациски, поврзани јазични енергии – онаа на босанскиот и онаа на македонскиот јазик, овој текст ја открива длабинската смисла на визуелната приказна што се раскажува пред очите на гледачот и што во себе го содржи јадрото на универзалната драма на човековото постоење. Драмата на постојаната неутешна потрага по неуловливото, на патиштата и крстосниците по коишто луѓето постојано заминуваат и никогаш не стасуваат таму каде што душата им копнее да стаса, на урнатините и ослепените прозорци на душата, на неродените крилја, заробени во кошниците, на коњите со осуетен скок, на бесполезното клопче на Аријадна, и самото заплеткано во лавиринтот на мемлата и на самотијата…
Во синергијата на окото на фотографот, тој „калиграф на светлината“ и на проникливиот сочувствителен збор на филозофот, којшто како рендгенски зрак на умот продира до најскриените архетипски катчиња на визуелната симболика, се одигрува вистински алхемиски процес, синестезиски дијалог на гласот и глетката. За реципиентот на ова дело, границите помеѓу различните региони на сетилноста и различните начини на конституирање на значењата, прогресивно се замаглуваат. Колку подлабоко се навлегува во него, толку помалку станува јасно кој творечки слој е примарен, првосоздаден, а кој е негов херменевтички придружник. Дали стихот ја толкува сликата или сликата ја доловува суштината на стихот? Дали музичката подлога го илустрира новонастанатото визуелно вербално значење или е негов врвен, невидлив и непоимлив сублимат? Дали секојдневните призори од фотографиите, наеднаш надарени со метафизичка смисла и тежина, неа тукушто ја стекнале преку филозофската интерпретација или напротив, отсекогаш прикриено ја носеле во својата срцевина и само го чекале допирот на духот за да ја ослободат? Како самите тие призори, чеда на светлината на окото, да копнееле по светлината на зборот и на умот за да прозборат со универзалниот јазик на човековото страдање, но и на човековото длабинско, заемно разбирање и сочувство коешто избива како сјајно, блескаво дрво од сурата карпа на болката, и ја носи надежта што како бело облаче го краси небото над планинските врвови, прелевајќи се во детските очи. Во бесконечните простори што ги отвораат сончевите ливади на духовната слобода, мајсторски доловени во дијалогот на визуелното и вербалното, низ уметничката сугестивност на ова дело е суштински проткаена филозофско-хуманистичката порака што тоа ја носи, откривајќи го копнежот по светлината на смислата и на доброто, без којшто човечката душа би го изгубила допирот со она највредното во себеси.
Ана Димишковска